Австралијците учат за мигрантите од 91-годишната Блага од Македонија

„Како може 91-годишната Блага од Македонија да нè научи за мигрантите“ е насловот на статијата во австралискиот весник „Канбера тајмс“, во која се обработува феноменот на доселениците на петтиот континент.

„Размислував за ова во понеделникот додека седев во македонска црква во западното предградие на Мелбурн. Ме довезе во црквата Џорџ, ‘главата’ на прекрасно грчко семејство кое ми помага повремено со превозот.

Многумина од вас знаат за историските тензии меѓу Македонија и Грција. Всушност, имаше голем собир на Македонци во многу делови од светот, вклучувајќи ги Вашингтон, Сиднеј и Мелбурн минатиот викенд, протестирајќи поради спорните идеи поддржани од Грција во врска со именувањето на регионите на нивната стара татковина. Разбирливо, чувствата се зголемуваат кога станува збор за семејните врски.

Седев во кафуле во близина на демонстрациите во Мелбурн и бев фасциниран кога ја слушнав толпата како ја пее австралиската национална химна пред македонската. Дури и кога се вклучени во историски спорови од другата страна на светот, нашите мигрантски семејства имаат силна верност кон Австралија.

Но, да се вратиме на македонската црква. Бев таму за да се збогувам со една прекрасна жена за која пишував порано. Нејзиното име е Блага и таа беше погребана на нејзиниот 91. роденден.

Таа пристигнала во Австралија во 1974 година откако подигнала семејство во Македонија, но кога го загубила својот сопруг, таа емигрирала сама во Австралија. Работела во месарница и кога ќе ѝ завршела смената се грижела за децата на други имигрантски семејства, чии мајки и татковци работеле на две или повеќе работни места. Таа зборуваше пет јазици, се омажи за Австралиец по потекло од Украина и помогна во растењето на уште три деца.

Таа беше одлична Австралијка и само една од стотиците илјади мигранти што ни го дадоа највредното од себе. Тие ни ги дадоа нивниот работен век и нивните семејства и помогнаа да се создаде големо општество.

Ние треба да ги почитуваме“, пишува во написот на „Канбера тајмс“.