Агатангел ќе учествува, но нема да го предводи протестот за името

Владиката Агатангел потврди дека ќе учествува, но нема да го предводи протестот за одбрана на името што ќе се одржи вечерва од 18 часот пред Мисија на Европска унија во Скопје.

„Вие гледајте си ја вашата работа, јас мојата“, одговорил митрополитот повардарски на прашањето од новинската агенција „Макфакс“ зошто не го почитува генералниот став на Македонска православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) дека свештените лица не смеат да се мешаат во политиката, пред да го прекине телефонскиот повик.

Семакедонскиот протест за одбрана на името на државата и на идентитетот на нацијата од инфоцентарот на ЕУ ќе продолжи со марш преку булеварите „Свети Климент Охридски“ и „Димитрија Чупоски“ до Собрание на Република Македонија.

Барањата што ќе бидат доставени до македонскиот државен врв и до странските амбасади опфаќаат: безусловен крај на разговорите за името Македонија со Владата во Атина и продолжување на членството во Обединети нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија, повлекување на Законот за употреба на јазиците, повлекување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, итно ослободување на притворените и осудените за настаните во Собранието од 27 април 2017 година и итно ослободување на Едмонд Темелко од обвинение и од домашен притвор.