Ако нема договор, сегашното име ќе стане трајно, смета грчки аналитичар

Loading...

Танос Докос, директор на грчкиот тинк-тенк за надворешна политика ЕЛИАМЕП, смета дека во случај да нема решение на спорот со Македонија, сегашното име на северниот сосед би можело да стане трајно, не прецизирајќи дали мисли на уставното или на привремената референца.

„Ако нема договор, сегашното име може да стане трајно, земјата што би можела да биде партнер може да се оддалечи и да стане отворена за други да играат игри на Балканот, што Грција не го посакува, бидејќи Балканот е нејзино природно опкружување“, изјави тој за американскиот магазин „Форин полиси“.

„Сега сум помалку оптимист отколку што бев пред две недели. Не велам дека ја отфрлам можноста, но не мислам дека се големи шансите за решение во моментов“, додава Докос.

Првиот човек на ЕЛИАМЕП ѝ дава поддршка на Владата за решавање на проблемот, истовремено критикувајќи ја за однесувањето кон домашната јавност и кон опозицијата.

„Справувањето со ситуацијата од страна на грчката Влада на стратешко ниво беше позитивно, бидејќи тие сфатија дека постои прозорец на можност да се затвори ова прашање еднаш засекогаш. На тактичко ниво, се плашам дека не се справија добро при постигнувањето некакво разбирање со другите политички партии и во однос на подготвувањето на јавното мислење. Тие го сметаа оваа за можност да ја навредуваат опозицијата“, изјави Докос.