Пишувајќи за Македонија и за „сериозните геополитички последици за регионот“ што би ги имало нејзиното преименување, кое би ѝ ги отворило вратите на НАТО, рускиот весник „Комерсант“ наведува примери на земји што си го смениле името во последните педесетина години.

Ако прифати промена на своето државно име, Македонија ќе им прави друштво на пет африкански земји и на две азиски, кои го сториле тоа од средината на шеесеттите години на минатиот век навака (сепак, има голема разлика меѓу нив и Македонија, бидејќи тие го сториле тоа доброволно, најчесто враќајќи си го своето историско име по отфрлањето на колонијалниот статус и прогласувањето независност):

6 јули 1964 година – африканскиот протекторат на Велика Британија, Њасаленд, прогласи независност и се преименува во Република Малави (наречена по етничката заедница што учествува со повеќе од 60 проценти во населението на земјата).

30 септември, 1966 година – уште еден британски протекторат, Бечуаналенд, прогласи независност како Република Боцвана (буквално „земја цвана“, во чест на луѓето што претставуваат околу 80 отсто од населението).

4 октомври 1966 година – британската колонија Басутоленд прогласи независност како Кралство Лесото, враќајќи си го своето историско име на јазикот сесото.

27 октомври 1971 година – Демократска Република Конго беше преименувана во Република Заир, но на 17 мај 1997 година, по соборувањето на режимот на Мобуту Сесе Секо, земјата си го врати поранешното име Демократска Република Конго.

22 мај 1972 година – Цејлон, наречен така по инвазијата од Португалците во XVI век, се преименува во Шри Ланка (на јазикот санскрит – „благословена земја“). До 2011 година голем број државни институции, вклучувајќи ја и Централната банка на земјата, продолжија да го носат старото име.

4 август 1984 година – поранешната француска колонија Горна Волта си го смени името во Буркина Фасо. Новото име настана со спојување на два збора на јазиците мооре и ѓула.

18 јуни 1989 година – Социјалистичка Република Бурмански сојуз го промени своето име во Сојуз на Мјанмар. На 22 октомври 2010 година властите во земјата повторно го сменија своето официјално име во Република Сојуз на Мјанмар.

 

Оставете коментар