Актерката Ирена Ристиќ „проплака од среќа“ за пратеничките патни трошоци

Актерката и граѓанска активистка Ирена Ристиќ на многу оригинален начин реагира на најавата дека неделава во собраниските комисии треба да се разгледуваат двата закони што ги предложи СДСМ, со кои, доколку се усвојат, државата на име на патни трошоци нема да им плаќа на пратениците по 30 одсто од цената на литар гориво за секој изминат километар, туку 20 одсто. За вакво „фантастично намалување“ на пратеничките привилегии таа коментира:

„И пази сеа:
СДСМ предлага измени во законот за патни трошоци!
Да се намалеле за 10%, што во превод значи:
– ако Бонева земала 11.506€ за една година, сега би добивала бедни 7.650€
– Тунтев кој за 4 месеци земал 3.843€, со овие измени би му капнувале само 2.562€
Ќе го допишам после статусов, не можам сега, се расплакав…“

Инаку, според најавите од СДСМ, откако законите ќе се донесат, со одлука ќе се предложи спуштање на цената за уште 5 одсто. Дополнително, секој пратеник ќе треба да поднесе потврда или слип дека патарината ја платил со своја лична дебитна или кредитна картичка.

Пресметките велат дека само преку Собраниската сметка, за патни трошоци во рок од шест години се одлеале близу пет милиони евра.