Албанскиот претседател ја налути Приштина, не дава пасоши на Косоварите

Албанскиот претседател Илир Мета го навлече гневот на косовската политичка елита и граѓаните откако одби да издава албански пасоши на Косоварите.

Мета го одбил барањето на косовскиот претседател Хашим Тачи кој побара Албанија да издава пасоши на Косоварите за тие да можат да патуваат во ЕУ затоа што Косово не е дел од европската визна либерализација со која граѓаните на Албанија, Македонија, Србија, Црна Гора , Босна и Херцеговина, Молдавија, Украина и Грузија можат да патуваат туристички без визи до 3 месеци во ЕУ.

„Мислам дека тоа не е решение за косовските граѓани, затоа што исполнувањето на критериумите за визно олеснување е неопходно за интеграцијата на Косово во ЕУ, изјавил Мета на прес конференција во Приштина.

ЕУ сеуште не му дозволува на Косово визна либерализција поради нерешеното прашање за демаркација на границата со Црна Гора. Дел од Косовските националисти се противат на договор со Подгорица поради што договорот не може да се ратификува во косовскиот парламент.

Косовскиот претседател Тачи не гледа решение за демаркацијата поради што од Мета побарал да издава пасоши за Косоварите согласно уставот на Албанија кој и Косоварите ги смета за потенцијални баратели на кои што им следуваат пасоши.

Предходниот претседател на Албанија Бујар Нишани користејќи ги своите уставни ингеренции пред неколку години им издаде албански пасоши на 7 лидери на движењето Самоопределување што во Косовската јавност се толкува како доказ дека Албанија без никаков проблем може да им издава пасоши на косовските граѓани.

Со оваа практика на Албанските власти не се согласува ЕУ која што истата ја оценува како штетна за процесот на евроинтеграција поради што претседателот Илир Мета одбил да вети албански пасоши за сите Косовари.

Европската Унија во неколку наврати ја осуди и практиката на издавање на бугарски пасоши за граѓани на Македонија, Албанија, Косово и Молдавија но Софија не беше со ништо казнета од Брисел.