Александар бил жив, за Калина нема информации

Грчките специјални единици за справување со катастрофи ги пронашле планинарите Калина Велевска и Александар Миновски во саботата вечер, во 22 часот, на 10 февруари и се обиделе да го извлечат Александар.

Ова го пишува во барањето за обдукција на телата на планинарите од 11 февруари, испратено од полицијата во Воден до Судската медицина во Солун.

Во документот објавен во Нова Македонија се наведува дека Калина и Александар се пронајдени од грчките спасувачи во 22 часот, „при што е направен обид за нивно извлекување“.

Специјалците се обиделе да го спасат Александар, кој „бил сѐ уште свесен“, употребувајќи ремен за да го извлечат, но во текот на извлекувањето ременот се откачил и Александар „паднал на стрмната падина на уште поголема длабочина“.

Грчките спасувачи од Солун изјавиле за полицијата дека Калина „не покажувала знаци на живот, ниту на чувствителност“ и, според нивниот исказ наведен во документот, Калина „веројатно беше веќе почината“. Во документот не се наведуваат детали дека е направен обид за нејзино извлекување.

Извештајот наведува дека по неуспешниот обид за извлекување на Александар и „поради темнината и лошите временски услови (силен снег и силен ветер)“, било невозможно планинарите „да бидат лоцирани“ (?!).

Според наводите од документот, може да се заклучи дека потрагата вечерта прекинала и дека Специјалните единици за справување со катастрофи се вратиле на местото каде што биле планинарите дури следниот ден.

Калина и Александар се пронајдени мртви на 11 февруари во 10 часот по грчко време, а нивните тела се извлечени во 13 часот и се пренесени во болницата во Воден. Александар е пронајден на растојание од 40 метри од Калина, која била вкопана во снег, на длабочина од околу 1,5 метар.