Анализа: САД против планот на Кина да ги поврзе Македонија и Сирија?!

Почесниот македонски конзул во Ереван, Араик Саргсјан, тврди дека Македонија е вовлечена во геополитички судир меѓу САД и Кина, која, според него, „сака да создаде транспортна шема за поврзување на балканските земји, посебно Црна Гора и Македонија, со пристаништата во Сирија“, а на Американците не им се допаѓа тоа.

Македонија е спомената во четвртата точка од целите на Кина според анализата на Саргсјан насловена „Геополитиката на Кина од Сирија до Македонија“ и објавена на порталот „Руски дозор (патрола)“. Другите три цели на Кина, за која Академијата за геополитика, чиј претседател е тој, дознава дека на крајот на минатиот месец испратила специјални сили во Сирија, се: елиминирање на кинеските државјани што се борат во редовите на меѓународните терористи во Сирија, потоа добивање од претседателот Башар ал Асад квоти за експлоатација на наоѓалиштата на нафта и гас и по војната дел од градежниот колач во обновата на инфраструктурата, како и добивање согласност од Сирија за отворање воена база на сирискиот брег на Средоземно Море заради заштита на своите инвестиции и на товарниот сообраќај по кинескиот „Нов пат на свилата“.

На ваквиот план на Кинезите се спротивставуваат Американците, кои настојуваат по брза постапка да ги затворат отворените спорови на Балканот, вклучувајќи го и македонско-грчкиот за името, со цел да ги инкорпорираат земјите од регионот во евроатлантските структури и на тој начин да ги оддалечат од кинеското влијание, забележува Саргсјан.

„Новиот американски амбасадор во Скопје, етничкиот Kинез Ји, дури и да не успее да ја помири Македонија со Грција и со Албанија, дефинитивно ќе биде ‘рамото’ за борба против Кина на Балканот. Тој најверојатно ќе може да ја ограничи економската експанзија на Кина кон балканските земји и плановите на Кина за создавање единствена транспортна шема за поврзување на Сирија со Македонија и со континентална Европа нема да се реализираат“, заклучува академикот.

Според Саргсјан, Русија моментно во Македонија „игра“ со посредство на Турција.

„По неуспешниот државен удар во октомври 2016 година во Црна Гора (организиран од воената разузнавачка служба), Русија престана директно да се меша во работите на балканските земји. Русија ѝ даде на Турција некои од овие парадигми на Балканот. Експертските кругови во Москва веруваат дека Турција има вистинско влијание врз процесите во Албанија, Македонија, Бугарија, Босна и Косово. Најверојатно, Русија ќе ја задржи геополитичката ситуација под своја контрола само во Србија и во Република Српска. Русија ќе се обиде да влијае на процесите во Македонија со помош на владините кругови во Унгарија и структурите на ‘Газпром’. На пример: Русија транспортира гас за Турција преку гасоводот ‘Син поток’ и ‘Трансбалканскиот’ гасовод преку Украина, Молдавија, Романија и Бугарија. За една година, со пуштањето во употреба на ‘Турски поток’, рускиот гас ќе секне низ гасоводот Трансбалкан, а тоа значи дека сите земји на Балканот и некои земји во ЕУ ќе паднат под енергетска зависност од Турција. Во воена смисла, пак, во Русија се верува дека турската војска го контролира Генералштабот на вооружените сили на Македонија. Но, од друга страна, Англија и Германија имаат големо влијание врз Владата и политичките партии во Македонија“, пишува Саргсјан.

 

Оставете коментар