Анкетата на „Брима“ во која води СДСМ ќе се потврдува на локалните избори

ВМРО – ДПМНЕ смета дека анкетата на агенцијата „Брима“ на која води СДСМ а премиерот Заев е популарен од Груевски е лажна и нарачана за да се скрие вистинското расположение на граѓаните.

„Партијата која бега од локални избори, чиј лидер ја користи функцијата премиер на државата за сквернавење на македонската историја, си порачаа анкета според која тој и неговата партија имаат предност“ се вели во реакцијата на најголемата опозициска партија.

„Далеку од логиката е партијата која ја туркаше Тиранската платформа и на нелегитимен и неделовнички начин го избра Талат Џафери за претседател на Собранието, да има покачување на својот рејтинг, посебно ако се знае разочараноста на граѓаните поради овие потези на новиот премиер на државата.

Заев и неговата влада за еден месец откако се на власт единствено што сработеа е рушење на позициите на Македонија, во спорот за името со Грција, а потоа и играње со македонската историја во Софија на очиглед на целокупната јавност. Граѓаните се разочарани од начинот на кој новата влада ги урива позициите кои Македонија долги години ги поставуваше околу решавањето на проблемите со соседите, па поради тоа уште толку може да се каже дека анкетата на Брима Галуп е далеку од логиката.

Покрај тоа што СДСМ почна да ретерира од ветувањата кои ги даваше во кампањата за просечна плата од 500 евра, новиот премиер директно удри по македонската историја откако го покани премиерот на Бугарија заедно да го прослават Илинден во Македонија. Инаку бугарските историчари тврдат дека Илинден е еден од најголемите празници на Бугарија како држава. Разочараноста меѓу граѓаните и од овој потег е преголема, па изгледа само за Брима Галуп граѓаните повеќе го поддржуваат сега Заев, се вели во реакцијата на ВМРО – ДПМНЕ на објавената анкета во која СДСМ по 11 години има минимална предност на ниво на сите граѓани а минимално заостанува ако се сметаат само Македонците.

 

„Граѓаните го поставуваат прашањето дали оваа анкета  претставува и подлога за менувањето на името на државата. Бидејќи Брима Галуп и порано објавуваше анкети кои требаше да ја натераат владата поради силниот рејтинг да го промени името на Република Македонија. Тие велеа дека рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е 35 проценти, за разлика од 10 проценти кои ги имаше СДСМ, во моменти кога амбасадори ја притискаа тогашната влада да го реши спорот со името, поради предноста која ја има. Овие истражувања според внатрешни анкети на партијата се знаеше дека не се точни и дека претставуваат само обид да се убеди тогашната влада да го промени името на државата“, смета ВМРО – ДПМНЕ и најавува дека точноста на анкетата на Брима ќе се провери на локалните избори, пренесува порталот Курир.

 

 

SHARE