Анкета за името во Грција: Оптимизам без крчмар

Дури две третини од Грците се противат на идејата терминот Македонија воопшто да стои во сложеното име за нашата земја.

Според истражувањето на јавното мислење направено од агенцијата „Марк“ , 68 отсто од испитаниците одговориле негативно на прашањето дали Грција треба да се согласи за сложено име со терминот Македонија.

Позитивен одговор дале само 23.6 проценти од анкетираните .

Интересно, од оние кои одговориле негативно на прашањето за терминот Македонија, 63.8 отсто се претставиле како гласачи на владејачката СИРИЗА која заедно со Владата на Заев енергично го турка процесот кон дефинитивна разрешница.

Нешто понегативно се расположени оние кои на изборите во 2015 гласале за опозициската Нова демократија, имено 67 отсто од нив се против зборот Македонија во евентуалното сложено име.

Поради ваквиот став на грчките граѓани и со мошне јасното расположение на огромното мнозинство Македонци кои се противат воопшто на идејата за промена на уставното име, логично е да се заклучи дека двете влади и оваа во Скопје и онаа во Атина, евентуалниот договор за решавање на деценискиот проблем би се обиделе да го протуркаат без референдуми. Бидејќи одговорот на граѓаните, по изгледа, нема да им се допадне.

Дополнителен проблем во целата приказна е ставот на партијата Независни Грци која е дел од владејачката коалиција. Лидерот на партијата Панос Каменос во колумна за неделнот издание на весникот „Димократиа“ иниситира дека референдум во Грција за ова, како што вели, остапување без преседан во историјата, мора да има.

“Грчкиот народ ќе треба да одлучи за ова, без преседан во историјата на човештвото, отстапување на историјата и културата на друг народ”, пишува Каменос и додава дека секое вклучување на терминот Македонија во името би значело пад на грчката култура, историја и уметност.

Каменос притоа е збунет поради тоа што владата говори за сложено име со географска одредница, а во програмата на Ципрас, презентирана на почетокот на премиерскиот мандат, никаде не било споменато дека сложеното име би го вклучило и терминот Македонија.