Апасиев со решение за Законот за јазиците

Професорот на Штипскиот универзитет Димитар Апасиев во текст со наслов “Шверцувањето на двојазичноста и „џебното вето“ на Претседателот” пишува како Македонија може да го реши проблемот со антиуставниот закон за јазици.

“Ако се држиме само до правните аспекти на носењето на Законот за употреба на јазиците, недозволиво и правно невозможно е со т.н. обичен закон да се уредува правна материја за чие регулирање e потребно минимум квалификувано мнозинство гласови по сила на устав, претседателот на Собранието има само два избора: или пратениците ќе мора да ги разгледуваат 35.000 амандамни или законот ќе мора да падне во заборав, додека пак претседателот на државата ќе има право да се повика на т.н. џебно вето.

Повод за овој блог е најавата на некои челници на ДУИ, вклучително и на актуелниот претседател на Собранието на РМ – Талат Џафери, дека намерава, дрско и противуставно, да ја прекрши легислативната постапка за носење на непопуларниот иритирачки Закон за употреба на јазиците и истиот да биде донесен „на мускули“ – на еден доста силеџиски, итромански и досега невиден начин – заобиколувајќи ја расправата за опозициските амандмани. Затоа, во продолжение, ќе се обидеме да ги оставиме на страна политичките реперкусии на овој контроверзен закон, држејќи се притоа само до правните аспекти на неговото носење…

Законот за јазиците е типичен пример за „тиранија на малцинството“
Најпрво, околу самиот пежоративно наречен „Закон за двојазичност“. Стручната и длабинска анализа на законскиот текст покажува дека е пишуван од прилично слаби правници, без елементарно номотехничко знаење. Тој е неконзистентен правен пропис кој буквално меша „баби и жаби“, па логично е што изобилува со толку многу противуставни одредби, при што самото нивно набројување би ни одзело простор колку за една магистерска теза”, пишува Апасиев во текстот во целост објавен на respublica.edu.mk

SHARE