Арбен Џафери и Албанците за името, колумна на Горан Момироски

Loading...

За разлика од актуелните лидери на Албанците во Македонија кои што во преговорите за името влегуваат прагматично, тргнувајќи примарно од интересите на Албанците за влез во ЕУ, Македонија во својата кратка државна историја имала лидери Албанци кои што сочувствувале и уште поважно, правеле нешто за да се изборат и за маката на Македонците.

Ако ги споредиме лидерите на ДУИ и Алијансата на Албанците со првиот претседател на Демократската Партија на Албанците Арбен Џафери ќе видиме една сериозна промена во нивните позиции.

Џафери за жал веќе не е меѓу живите а додека беше жив и покрај понекогаш контраверзните позиции беше високо почитуван од сите, делумно и поради своето разбирање за комплицирана ситуација на Македонците. Умереноста и чувството на емпатија за неправдата кон народот што исто како и неговиот бил соочен со историски неправди му го донесе статусот на високо почитуван политичар.

Сега состојбата е променета. Лидерот на ДУИ иако и тој има ретки изблици на одговорност кон Македонците студено ни рече дека Македонија во моментов нема име по што мораше да го „оправа“ вицепремиерот за евроинтеграции. За изјавите на Зијадин Села според кого Македонците пред 100 години воопшто не постоеле не треба да се трошат зборови.

Споредбата меѓу Џафери и Ахмети и Села не е само персонална туку е споредба на еден цел јавен (под)дискурс кој што постои и постоел во албанската средина во Македонија.

Двете често слушани синтагми во приватни разговори „Македонците се притиснати од сите страни“, „СДСМ и ВМРО -ДПМНЕ се во војна“ се основа на позицијата „Македонците се слаби и сега е време да се искористи тоа“ која што ја користат некои од албанските лидери. Тој што ги следи медиумите на албански јазик во земјава и регионов и особено социјалните мрежи, може да види и многу порадикални тези на оваа тема и предлози за името како: Славо – Албанска Македонија, Илирско – Вардарска, Славоилирска Македонија и ткн.

Иако сите овие небулозни идеи на дел од албанската интелигенција можат да се исфрлат како маргинални во албанскиот политички блок факт е дека тие постојат и факт е дека тие вршат притисок и на другите Албанци кои се револтирани од насилството на Грција и сметаат дека Македонија не треба да го менува името.

А верувајте има многу Албанци кои што паралалено со своите емоции за Албанската историја живеејќи во Македонија со Македонци имаат силни емоции за нашите проблеми, затоа што знаат дека без Македонци или со несреќни горномакедонци и тие нема да бидат многу среќни.

Во ситуација на страв или претпазливост сите внимаваат да не направат „грешка во чекори“ и да се замерат со доминантната размисла во албанскиот блок дека секој што работи против решение на името работи и против влезот на Албанците во НАТО и ЕУ односно е против „обединувањето на сите Албанци во една држава“ во случајов ЕУ.

Од таму сосема нелогично е да се очекува дека во прогласот на 200 македонски интелектуалци можело да има некој Албанец. Иако се согласувам со забелешката на Сашо Ордановски дека на списокот „200“ нема Албанци апсолутно е погрешно да се очекува дека во ваква ситуација некој Албанец ќе стави потпис на таков документ кој иако е потпишан и од левичари сепак има национална важност. Тоа е исто како да тврдите дека Албанската платформа не е добра затоа што на неа не се потпишал ниту еден Македонец.

Објективно Албанците на спорот со името гледаат како на пречка за нивни влез во ЕУ и НАТО, значи исто како нас но без емоциите што ги имаат Македонците. Потпис на Албанци интелектуалци за прекин на преговорите за името автоматски значи дека се „платени од Груевски и дека работат против Албанската кауза“. А такво нешто сега нема да ризикува ниту еден албански интелектуалец или политичар.

Колку поинаква беше ситуацијата кога Арбен Џафери беше носител и креатор на позициите на Албанците во Македонија најдобро може да се види од писмото што на 2 јули 2001 година го испратил тогашниот лидер на ДПА до американскиот државен секретар, Колин Пауел, по повод именувањето на Џејмс Пардју за специјален американски пратеник во Македонија.

Во услови на конфликт кога секој ден гинеа Македонци и Албанци, Џафери како одговорен лидер гледајќи далекусежно и многу пошироко од националните теми, пишува и за името Македонија. И тоа внимавајте, во ситуација кога правата на Албанците беа централна и единствена точка во земјата, поради која впрочем се водеше војна.

„Ако можам да сугерирам нешто што може да го разгледа САД. Тоа може да обезбеди охрабрување на Македонците (Macedonian Slavs во оргинал) и Албанците, доколку можете да добиете одобрувањње од Атина за признавање од страна на меѓународната заедница на нашата држава како Република Македонија. Или ако не е можно сите земји да го сторат тоа, барем поммогнете ни да ја убедиме Атина дека ќе биде чекор напред за САД ако се случи тоа“, напишал во јули 2001 Арбен Џафери.

Писмото до Колин Пауел е испратено повеќе од три години пред САД да ја признаат Македонија под уставното име што не беше заслуга само на Џафери но освен што покажува каков визионер бил, ни дава слика на еден политичар кој имал емоција и за сите останати а не само за „своите“.

За жал однесувањето на Ахмети и Села деновиве, не дава впечаток дека тие имаат слични емоции. Во крајна линија политиката е прашање на прагма а политичарите не смеат да покажат чувства кои што можат да ја влошат нивната позиција и рејтинг кај гласачите, но треба да се свесни дека со нивната безчувствителност создаваат нови поделби.

Една од последиците на ваквото однесување може да биде нова омраза меѓу Албанците кои што по секоја цена сакаат влез во НАТО и ЕУ и дел од Македонците кои што инсистираат на достоинствено и чесно решение кое што нема да предизвика понижување и нови вечни фрустрации.

Голем дел од Македонците се подготвени на се само да се влезе во евроатланскиот клуб и заедно со Албанците и помалите заедници има сериозна шанса на референдум да мине секој предлог кој што би го ставила оваа власт. Но во исто време постои шанса да нема решение по што опцијата за омраза и барање кривци може да кулминира.

Сецесија и федерализција дури тогаш ќе бидат реална опција. Нешто што Ахмети ни го најави индиректно кога изјави дека ако нема решение ќе се засилат сецесионистичките сили во Македонија.