Арнаудов, Дамовски, „Бетмен“, Ченто од Шутка во домашен притвор

Пратеникот Љубен Арнаудов, водачите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски и Богдан Илиевски, познат по прекарот Бетмен, како и Јане Ченто, внук на првиот македонски претседател Методија Андонов-Ченто, од истражниот затвор во Шутка заминуваат во домашен притвор.

Затворскиот со куќен притвор им е заменет и на Иван Цветановски, кој работеше во кабинетот на поранешниот претседател на Собрание, Трајко Велјаноски, како и на Оливер Радулов од Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК).

Скопскиот Апелациски суд им ги прифати жалбите на шестемина осомничени за настаните од 27 април минатата година, истовремено изрекувајќи им мерка на претпазливост – одземање на пасошите.

На други шестмина што се товарат за истото дело Апелациски суд им ги потврди мерките изречени од Кривичен суд, со што во затворот во Шутка останува поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, на пратеникот Јохан Тарчуловски му е продолжен домашниот притвор, а жалбите им се отфрлени и на Горан Ангелов, Илија Славевски, Сашо Марковски и Вилијам Михајловски.