Македонскиот свештеник и архимандрит Никодим Царкњас се подготвува да ја тужи јавната администрација во Грција ако не му биде укината казната од канцеларијата за јавни приходи од Воден за лажно затајување приход во неговиот годишен даночен извештај.

Грчките даночни власти му побарале на Царкњас да плати данок од 45.000 евра за вкупно 57.000 евра што тој ги примил како донации за изградба на македонска православна црква „Света Злата Мегленска“ во С’ботско (Аридеја), која не е признаена од грчката држава. Бидејќи тој само ги прифатил средствата како донација во корист на црквата во заедницата, тој ѝ одговорил на воденската даночна канцеларија дека нема законска обврска да ги пријави како приход, но таа го отфрлила објаснувањето и ја потврдила казната. Минатиот месец свештеникот поднел жалба и, ако не му биде усвоена, најавува тужба за администрацијата за прекршување на даночниот закон и за негова дискриминација врз основа на етничка и верска припадност.

За случајот со архимандритот Царкњас се произнесе и Обединета македонска дијаспора (ОМД).

„Овие постапки на грчката влада се јасен одраз на нивната државна политика да ги прогонуваат граѓаните кои мислат поинаку, кои зборуваат различен јазик или веруваат во православна црква инаква од Грчката. Слободата на религијата е основна слобода која мора да се почитува универзално, на што Грција, очигледно, се спротиставува“, изјави претседателот на ОМД, Методија Колоски.

Неправдата против архимандритот Царкњас се одвива децении наназад. Како активист за човекови права, тој е уапсен повеќе од десетина пати, па дури и физички бил нападнат од грчки полицаец, напомнува ОМД.

Оставете коментар