Репортажа на швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“ открива дека Грција сака македонската кујна да биде ставена на листата на светско наследство на УНЕСКО, но како грчка трговска марка.

„Кујната е најновото оружје во арсеналот на грчките Македонци, за да ги стават своите соседи на север во орман. На дипломатски терен, како и на кафеанска маса, поранешната југословенска република постојано треба да трпи болни порази. Бидејќи македонската кујна мора да биде на листата на светско културно наследство на УНЕСКО, како што замислиле грчките политичари во Солун. Македонија е тука, велат тие, државата таму е фикција. Конзервативната регионална администрација сега го смета проектот за УНЕСКО уште поважен, бидејќи грчката влада во Атина се подготвува да го реши спорот со името со својот мал сосед преку границата на север“, стои во написот насловен: „Во Македонија антиката ја одредува политиката“.

„’Требаше ова да го направиме пред дваесет или триесет години. Тогаш немаше да имаме проблем со Скопје’, вели Теофанис Папас за барањето до УНЕСКО. Тој вели дека се шегува, но, всушност, е сериозен. ‘Кујната е дел од нашиот идентитет. Ги следи продуктите што можат да се најдат тука’, објаснува Папас, еден од младите заменици-гувернери на регионот Централна Македонија, одговорен за секторот земјоделство“, пишува весникот.

„Идејата за македонската кујна не е случајна. Конечно, УНЕСКО веќе ја прогласи медитеранската храна како светско културно наследство. Грчко-македонската кујна сé уште го одразува сливот на многу етнички групи за време на османлиското владеење и по неговиот крај: Грците и Турците, грчките бегалци од Мала Азија и од бреговите на Црно Море во Турција и во Грузија, како и други малцинства, како што се Евреи, Ерменци и Власи“, се додава во текстот, без притоа да се спомене македонската кујна од овој дел на Македонија.