Атинскиот градоначалник го брани Бутарис: Тој е вистински патриот

Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, кој е цел на жестоки критики во грција по изјавата за аеродромот „Македонија“ во Солун, доби поддршка од својот атински колега Јоргос Каминис, кој го опиша како „вистински патриот“.

Бутарис се најде на удар по сугестијата дадена неделава дека Солун би требало да размисли за преименување на својот аеродром „Македонија“, бидејќи патниците имале впечаток дека слетуваат во Скопје.

Но, предлогот на „градскиот татко“ на Солун аеродромот да биде именуван по грчката кошаркарска ѕвезда Никос Галис беше критикуван од Нова демократија и од други опозициски партии, а вчера во градот имаше и мал протест против Бутарис.

Меѓутоа, Каминис денеска преку социјалните медиуми застана во одбрана на својот колега од северна Грција.

„Патриотизам е да им се служи на интересите на народот со реализам. Јанис Бутарис е вистински патриот“, напиша атинскиот градоначалник на „Твитер“.

 

Оставете коментар