Еве нов наш предлог за викенд и за бегство од големите горештини кои се присутни во сите делови од Македонија, но не во таква мера, на крајниот запад од земјава. Најтопло, и од искуство, ви ја препорачуваме бањата Бањиште која се наоѓа во непосредна близина на Дебар и на границата со Албанија.

Сместен на надморска висина од 880 метри, Бањиште е идеално место за тие што сакаат да се релаксираат и уживаат во чистиот планински воздух, природната термо-минерална вода со оптимална температура за човековото тело и прекрасната храна. Со вкупeн капацитет од 126 соби, овој ресорт е реновиран неколку пати од неговата приватизација, а со последното реновирање, во април 2012. година, беа опфатени вкупно 72 соби и дел од медицинските простории.
Поради почитта кон историјата и традицијата, со цел да не се наруши оваа вонвременска убавина и хармонија која како да го достигнала својот максимум на ова свето место, ресортот Бањиште однадвор ја има својата традиционална архитектура, но во внатрешниот современиот и луксузен ентериер, нуди врвни стандарди на сместување и хотелски услуги, кои ги задоволуваат сите гости.