Битка за СВР Охрид – ДУИ и Беса бараат началник на полицијата

Една од причините за бавните промени во Секторот за внатрешни работи на МВР во Охрид е барањето на ДУИ кое што е поддржана од Алијансата на Албанците на Зијадин Села, во овој град началникот на полицијата да биде Албанец.

Додека во речиси сите поголеми градови новиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски веќе ги направи промените во раководниот кадар на подрачните единици поставен од поранешната влада, во охридската полиција работата е заглавена поради класично етничко барање на партиите на Албанците.

Тие инсистираат за прв пат во СВР Охрид прв човек да биде Албанец со аргумент дека во подрачјето кое што го покрива овој сектор при МВР има повеќе Албанци и останати отколку Македонци.

Според извори на expres.mk во струшката полиција компромисот е можен доколку ДУИ и Алијансата ги добијат началничкото место во Управата за безбедност и контразузнавање и неколку други поважни позиции како на пример во одделенијата за недозволена трговија (НТШ) и други командни позиции.

Барањето за Албанец шеф на Охридската полиција не е ново, тоа беше поставено неколку пати предходно од страна на Зијадин Села. Тој во ноември 2015 година до МВР испратил барање за информација за етничкиот состав на вработените во овој сектор. Една недела по барањето од Села МВР го информирало дека вкупниот број на лица вработени во Секторот за внатрешни работи Охрид изнесува 601, од нив 195 биле од албанска етничка припадност, додека бројот на новопримени Албанци во текот на 2015 година бил 15.

СВР Охрид ја опфаќа и полициската станица во Струга како и полициските станици во Дебар и Кичево.