Блазе си ѝ на Македонија – Пишува Роберт Димитриевски

Зоран Заев или е роден под среќна ѕвезда или проблемите, едноставно, му се тргаат од патот еден по еден, се топат како снегулки на јужен ветер, па наскоро ќе може безгрижно да премиерствува со Македонија, додека нејзините граѓани ќе си живеат среќни и весели уште многу, многу години.

Арам да им е на љубоморните и на злобниците што ќе се досетат на малициозната српска изрека „Живеќе овај народ – док не умре“, на која ниту ѝ е време, ниту место тука, зошто сите аргументи им ги изби од рака изјавата на претседателот на Владата по денешната средба со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас.

„Треба да сме одлучни и да правиме чекори кои нè водат поблиску до решението на единственото отворено прашање меѓу нашите две земји“, рече Заев по приемот на шефот на дипломатијата на јужниот сосед.

Бидејќи разликата за името, според премиерот, е единственото отворено прашање меѓу Македонија и Грција, можеме со големо задоволство да заклучиме дека уште пред неговото надминување веќе им е полесно и на десетиците илјади македонски граѓани по потекло од егејскиот дел на Македонија. Штом името е единственото отворено прашање со Грците, произлегува дека протераните Македонци по Граѓанската војна во Грција не се ни свесни дека, всушност, немаат проблем со имотите таму. Немале проблем, без да знаат, ни некои од нив што со пасоши на други држави биле вратени од грчката граница поради македонскиот (словенски) топоним во нив за местото во кое се родени. Проблем не било ни чкртањето по автомобилите или гребењето на ознаката МК на регистарските таблички на македонски државјани што одат во Грција на одмор или на шопинг, а камоли изживувањето врз камионџии запрени од цивили на грчки (авто)пат, од кои снимки кружат на социјалните мрежи. Македонското малцинство во лулката на цивилизацијата, пак, го „решија“ амандманите на Уставот, така што и тоа отворено прашање во односите меѓу двете земји не само што е одамна затворено, туку и затрупано за навек.

Со решавањето и на името како „единствено отворено прашање“ ќе имаат зијан само надворешнополитичките редакции на медиумите, бидејќи, практично, нема да имаат за што повеќе да пишуваат во однос на соседите. Впрочем, Заев од Приштина во средината на декември порача дека немало отворени прашања ни меѓу Македонија и Косово, со што автоматски веќе не е проблем тоа што оттаму не ги испорачуваат двајцата обвинети за случајот „Монструм“. Скраја било, никаков проблем во меѓусебните односи не е ниту случајот „Диво насеље“, уште помалку доделената помош од Владата на Рамуш Харадинај за семејствата на дел од учесниците со косовски државјанства.

Нема отворени прашања ни со Албанија, од проста причина што т.н. Тиранска платформа што партиите на македонските Албанци, кои ја нарекуваат декларација, ја потпишаа кај премиерот Еди Рама не е никакво мешање во внатрешните работи на Македонија. Убаво објаснија албанските политички првенци во земјава дека тоа биле нивни „легитимни“ барања уште од стекнувањето на независноста на државава, па секоја перцепција на Рама како некаков вожд на Албанците е само злонамерно поистоветување со Милошевиќ во главите на тие што не му мислат добро на соживотот, кој, едноставно, процути откога ДУИ го смени партнерот во Владата.

Со потпишувањето и со ратификацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, топтан се решија и сите отворени прашања со источниот сосед, за што има ли поголем доказ од страсните прегратки меѓу Заев и Борисов кога и да се сретнат?

И во односите со Србија ни цветаат рози и нема отворени прашања (ова со брашното беше само исклучок што го потврдува правилото). Тој што мисли дека проблем е односот на СПЦ кон МПЦ веројатно изумил или не знае дека двете држави се секуларни, што значи дека Црквата е одвоена од државата. Според тоа, проблем(и) за државата, а со тоа и за премиерот и во тој случај – нема.

Оттука, блазе си ѝ на Македонија што се најдоа човек и политичка гарнитура кои за помалку од десет месеци на власт решија безмалку сè што како проблем со соседите се таложеше со децении. Кај ли ќе ѝ биде крајот на државава кога конечно ќе се надмине и единственото отворено прашање со Грција?

Со ваква политика на активна мирољубива коегзистенција, дефинитивно, само небото ќе ѝ биде лимит.

 

1 Коментар

  1. ВНИМАВАЈТЕ!!! Грчки предлози со кои се заменува привремената референца се всушност видови на ТРАЈНА РЕФЕРЕНЦА!
    Внимавајте на Грчките предлози – решенија! Моите соработници се во право кога велат дека сите Грчки предлози со кои се заменува привремената референца (Бивша Југословенска Република Македонија) се всушност видови на ТРАЈНАТА РЕФЕРЕНЦА , а не легално име избрано од народ! Сега, произлегува дека една референца заменуваме со договорна ТРАЈНА РЕФЕРЕНЦА! Дури и „Република Македонија (Скопје)”, како назив креиран со меѓународен договор е само нова РЕФЕРЕНЦА!! И не е ИМЕ!!!

Comments are closed.