Пресвртот на државната политика на Бугарија во однос на Македонија и на Македонците е темата на емисијата на Бугарска национална телевизија (БНТ) најавена за вечерва и формулирана како „55 години од Пленумот за македонското прашање“.

„На Пленумот на БКП во 1946 година бугарските комунисти конечно ги предадоа нашите интереси во Македонија и само расцепот меѓу Сталин и Тито го зачува територијалниот интегритет на Бугарија. 17 години подоцна, во 1963 година, друг пленум на БКП остро го смени ставот на Бугарија за македонското прашање, а Тодор Живков објави дека населението во Пиринска Македонија е дел од бугарската нација и оти било политички принудено од БКП да се изјасни за македонско помеѓу 1944 и 1948 година“, стои во најавата, по што се цитираат Георги Димитров и Тодор Живков.

„Има во нашите редови другари кои не разбираат сосем јасно каква треба да биде сега нашата политика во однос на Македонија. Често се испушта од предвид дека основниот дел на македонскиот народ веќе е организиран државно и национално во рамките на Федеративна Народна Република Југославија како македонска народна република. На база на таа република останува да се обединат и другите делови на македонскиот народ, посебно Македонците од сегашниот Пирински крај со соодветен сојузен договор за таа цел меѓу Бугарија и Југославија, кој ќе го определи и враќањето на западните бугарски покраини кон Бугарија…“ – август 1946 година, говор на Георги Димитров на пленум на БКП.

„Нашата партија ја признава НР Македонија, создадена објективно во Втора светска војна во Вардарска Македонија, во рамките на Југославија. Исто така признаваме дека во НР Македонија се формира македонско национално сознание… тоа се формира на антибугарска основа. А ние сме решително против тоа и сметаме дека, ако тоа прашање не се регулира, ќе биде постојан извор на тензии, на нарушувања и на пречки во нашиот развој… И во средниот век, и во новата историја, и во најновата историја Македонија постоела само како територијален и политички поим, не како посебна народност… Населението од Пиринскиот крај е дел од бугарската нација. Таму нема никаква македонска националност и не може да има… (…), сето она што го правевме досега – наметнување на јазик, наметнување на друга националност, наложување да се пишат Македонци итн. – тоа беше насилство спротивно на волјата на тоа население…“ – говор на Живков на Пленумот на БКП во март 1963 година.

 

1 Коментар

Comments are closed.