Loading...

Бугарскиот историчар Божидар Димитров ги испокара бугарските јавни личности што деновиве зборуваат за одбележувањето на илјадагодишнината од основањето на Охридска архиепископија, поучувајќи ги дека треба да ја именуваат како Бугарска архиепископија.

Во колумна за весникот „Труд“ директорот на Национален историски музеј од Софија изразува надеж дека новинарите погрешно ја пренеле најавата од патријархот Неофит за испраќање црковна делегација на чествувањето на големиот јубилеј на 29 мај во Охрид, бидејќи, според него, именувањето на црквата како Охридска „води до национално предавство“!

„Зошто, признавајќи дека постоела независна Охридска архиепископија и дека денешната македонска црква е нејзин наследник, тоа значи дека Светиот синод признава и независен македонски народ уште пред 1.000 години“, пишува Димитров.

Според него, станува збор за Бугарска патријаршија, чие седиште по Силистра, Видин и Софија било преселено во Охрид и која византискиот цар Василиј Втори наречен Бугароубиец по загинувањето на царот Иван Владислав при опсадата на Драч во 1018 година ја спуштил на ниво на автокефална архиепископија.

При крајот на долгата елаборација Димитров вели дека епархиите во Македонија не можат да сочинуваат одделна црква, „зошто немаат историја и никогаш не постоеле како Охридска архиепископија“.

„Тие биле или независна бугарска црква, или епархии (црковни области) на Бугарска егзархија, подоцна патријаршија. Ред е, ако сакаат да ги следат каноните, да се присоединат кон Бугарска патријаршија, а не да формираат една нова црква со измислената историја на ‘Охридска архиепископија’“, пишува тој пред уште еднаш да ги предупреди сонародниците.

„Редно е тие бугарски јавни личности, кои продолжуваат да се залагаат по телевизиски студија и на страниците на весниците да ја признаеме ‘Охридска архиепископија како независна’, да ја запрат својата дејност. Не знам дали сфаќаат колку им штетат на Бугарија и на бугарската кауза во Македонија“, завршува контроверзниот историчар.