Бугарскиот премиер Бојко Борисов в понеделник, 12 март, ќе учествува на комеморацијата во Скопје за 75-годишнината од депортацијата на Евреите од територијата на денешна Република Македонија, соопштија од Информативна служба на бугарска Влада.

Во спомен на жртвите на холокаустот бугарскиот премиер заедно со македонскиот Зоран Заев ќе положи венец на споменикот на депортираните Евреи во логорот Треблинка за време на Втора светска војна.

Борисов е првиот бугарски премиер кој учествува во одбележувањето на годишнината од депортацијата на Евреите од територијата на денешна Република Македонија. Во официјалната бугарска делегација за церемонијата се вклучени и претставници на еврејската заедница, пренесува бугарскиот „Дневник“.

„За време на Втората светска војна Бугарија ги спасила своите 48.000 еврејски граѓани, но не успеала да го запре депортирањето на 11.323 лица од земјите на денешна Грција и Македонија, администрирани во тоа време од Третото бугарско“ царство, пишува весникот.

Пред германскиот напад на Југославија во април 1941 година бројот на Евреите на територијата на Македонија бил 7.762. Согласно одредбите од Законот за заштита на нацијата, тие не можеле да добијат бугарско државјанство и во март 1943 година биле депортирани во концентрацискиот логор Треблинка во Полска, окупирана од Германија, каде сите биле убиени, пишува „Дневник“.

 

1 Коментар

Comments are closed.