Борисов: Или Балканот со се Македонија во ЕУ или сириско сценарио

Доколку ЕУ не им испрати јасна порака на земјите од западен Балкан дека се уште имаат шанси да станат членки на унијата, можно е регионот да ја доживее сириската судбина – предупредува бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Во интервју за шпанскиот весник АБЦ, Борисов отворено му порача на Брисел дека дека постои сериозен ризик за нестабилност на Балканот која би прозилегла од немањето европска перспектива. Бугарија од први јануари го презеде шестмесечното претседателствување со Советот на ЕУ, а Борисов вети дека напорно ќе работи за европските партнери да се согласат на балканските држави да им се испрати јасна порака во врска со членството во сојузот.

„Инаку, во спротивно можеме да видиме сценарио како она во Сирија. Ако ги оставиме сами, ќе собираме горки плодови“ – предупредува бугарскиот премиер за АБЦ.

Пораката на Борисов дека западниот Балкан е заглавен меѓу можноста за членство во Европската унија од една и „сириски сценарија“ од друга страна, доаѓа во момент кога македонската и грчката дипломатија со голем оптимизам најавуваат скорешно решение за спорот со името и следствено подигнување на грчката блокада за влез на Македонија во НАТО и започнување на преговорите со ЕУ.

Во истовреме Србија и Црна Гора веќе имаат отворено неколку поглавја од преговорите, но за разлика од Подгорица која речиси да нема никакви пречки, Белград во рацете го држи жешкиот костен на косовското прашање без чие решавање, исто како и Скопје, нема шанси за успешно инкомпорирање во елитното европско друштво.

Оставете коментар