Борисов: Со транспортните коридори, Балканот ќе стане бајка

Бугарскиот премиер, по средбата со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, на која присуствуваше и шефот на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, вчера изјави дека Балканот ќе стане бајка, ако се изградат транспортните коридори.

Борисов ги поздрави парламентите на двете држави за брзо ратификување на Договорот за добрососедство и пријателство, кој тој потпиша со својот македонски колега Зоран Заев на 1 август лани.

„Резултатите веќе се факт и се гледаат. Отсега натаму имаме многу практична работа“, рече бугарскиот премиер.

Борисов, според БГНЕС, рече дека утре ќе се одржи состанок на министрите за транспорт на кој ќе се разговара за секоја етапа, секоја фаза и за секој дел од транспортните коридори 4, 8 и 10 кои поминуваат низ Балканот.

„На 1 март, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер ќе биде тука. Ги поканивме и премиерите на балканските земји преку кои минуваат овие коридори. Тогаш ќе ги утврдиме фазите, финансирањето и времето за нивно реализирање“, рече Борисов.

Тој рече дека дека следната недела во Лондон и Европската банка за обнова и развој ги повикаа премиерите од Балканот.

„Имаме веќе едно доста силно хибридно финансирање од трите најголеми банки, кои се поврзани со Европската унија: Светската банка, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициона банка. Сите чекаат за нашите проекти. Затоа министрите за транспорт утре и ние, премиерите, на 1 март треба да ги ставиме на маса трите нешта кои ги сакаме – автопати, железнички линии и дигиталната инфраструктура.

Во новиот европски буџет има меѓу 30-40 милијарди евра поврзани со оваа инфраструктура, рече Борисов, како што пренесуваат бугарски медиуми.

Оставете коментар