Бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ од централно се шири и на локално ниво

Куманово денеска се нареди во низата општини во кои советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираат работата на советите во знак на револт за притворањето членови на партијата за настаните од 27 април во Собрание.

„Сведоци сме дека се врши притворање на луѓе околу нас, кои размислуваат поинаку од актуелната власт и апсурдно е во такви услови ние тука да разговараме за буџети или да разгледуваме финансиски извештаи за работата на јавните претпријатија“, ја образложи одлуката Драган Петковски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово, по што сите 11 советници од неговата партија ставија македонски знаменца во шишињата со вода на масите пред себе и ја напуштија салата за седници.

Работата на општинскиот совет ја бојкотираа(т) и опозициските советници во Ресен, во Ѓорче Петров, во Гази Баба, а четворицата советници на ВМРО-ДПМНЕ во Вевчани влегоа во историјата на.македонската повеќепартиска демократија како први што дале оставка од таа функција. Поради блокадата во Гази Баба, каде што коалицијата „За подобра Македонија“ има мнозинство од 14 советника во Советот со 27 члена, новиот градоначалник од СДСМ, Борис Георгиевски, завчера се пожали дека не може да се донесе нацрт-буџетот на општината.

„Оваа блокада значи опасност да се исплаќаат плати, да се реализираат веќе започнатите активности, со еден збор блокада на системот на општината, која е на директна штета на граѓаните. Доколку советниците на ВМРО–ДПМНЕ не се вразумат и продолжат со блокирањето на буџетот, ќе одиме со мерката времено финансирање на општината“, изјави Георгиевски.

Партијата што освои најмногу пратенички места на последните парламентарни избори, и денеска го продолжи бојкотот на Собранието, поточно на Комисијата за финансирање и буџет.

Оставете коментар