Британија благодарна за протерувањето на руски дипломат од Македонија

Loading...

Британскиот амбасадор во Република Македонија, Чарлс Гарет, попладневно на Твитер ја поздрави одлуката на Македонија која се солидаризираше со 19 земји кои денеска решија да протераат руски дипломати како одговор на труењето со нервен агенс на двојниот руски шпион Сергеј Скрипал во британскиот град Солсбери, зад што сметаат дека стои Русија.

„ Го поздравуваме овој одговор од Македонија како дел од исклучителната обединета акција на меѓународната заедница на рускиот напад со нервен агенс на британска територија. Моќно шоу на солидарност“, напиша амбасадорот Гарет.

Македонското МНР објави попладневно дека „во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска“, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија заради случајот Скрипал.

Следеше остра дипломатска порака од Амбасадата на Руската федерација во Скопје:

„Целосната одговорност за последиците од оваа провокација и исклучително непријателски чин без преседан во руско-македонските односи ќе ја носи македонската страна“.