Британскиот академик Петифер го поддржа ветото на Иванов

Британскиот академик, автор, новинар и специјалист за балкански прашања Џејмс Петифер го оцени како „добра, одговорна одлука“ најавеното вето од македонскиот претседател Ѓорге Иванов за насилно донесениот Закон за употреба на јазиците.

„Добра, одговорна одлука, која треба да биде поддржана од дипломатската заедница во Скопје“, напиша Петифер на својот профил на „Твитер“ како реакција на најавата на напис во „Софија глоуб“ за ветото на Иванов.

Претходно, професорот по балканска историја на колеџот „Сент Крос“ во Оксфорд, како и на Факултетот за историја на тамошниот универзитет, го привлече вниманието со твитот исто така посветен на контроверзното законско решение за албанскиот јазик како службен на целата територија на македонската држава.

„Јас се залагав за човековите права на албанското малцинство веќе 30 години, но овој закон за јазикот така како што е изготвен е сериозна грешка што ќе се врати“, твитна тој.

Петифер е автор на книгата „Новото македонско прашање“, како и на делата „Подземната војна на Ослободителна армија на Косово за балканско востание, 1948-2001“, „Албанското прашање: Преобликувајќи го Балканот“, „Син водич за Албанија и Косово“, „Албанија: Од анархија до балкански идентитет“, „Косово експрес: Патување во воено време“ и „Дијалози со Хашим Тачи“.