Џејмс Петифер, британски академик, автор, новинар и специјалист за балкански прашања, излезе со критика на „Твитер“ за насилно изгласаниот Закон за јазици во Македонија.

„Јас се залагав за човековите права на албанското малцинство веќе 30 години, но овој закон за јазикот така како што е изготвен е сериозна грешка што ќе се врати“, напиша тој како одговор на твитот на Ник Карев: „Нашите луѓе во Грција беа принудени да учат да зборуваат грчки! Нашите луѓе во Бугарија беа принудени да учат бугарски! Нашите родители, баби и дедовци беа принудени да учат српски! Сега сме слободни и пак нè принудуваат да учиме албански! Претседателе, мора да ставите крај на сето ова сега!“.

Петифер е автор на книгата „Новото македонско прашање“, како и на делата „Подземната војна на Ослободителна армија на Косово за балканско востание, 1948-2001“, „Албанското прашање: Преобликувајќи го Балканот“, „Син водич за Албанија и Косово“, „Албанија: Од анархија до балкански идентитет“, „Косово експрес: Патување во воено време“ и „Дијалози со Хашим Тачи“.

Добриот познавач на Балканот, кој има напишано и книги за Бугарите, за Грците и за Турците, предава балканска историја на колеџот „Сент Крос“ во Оксфорд како и на Факултетот за историја на тамошниот универзитет.