Бунт на замениците министри за правда и за екологија, Ахмети и Заев ги смируваат страстите

Незадоволство тлее веќе подолго време меѓу членовите на извршната власт од редовите на СДСМ поради лошите кадровски решенија на министерските позиции од албанскиот политички фактор, велат високи владини извори за „expres.mk“.

Според нив, вработени во министерствата за правда и за животна средина реагирале до премиерот Зоран Заев дека целиот товар на дневните активности и сериозни одговорности паѓал врз нивен грб, а министрите, едноставно, формално се поставени на функциите и немале реални обврски, ниту преземале каква било одговорност.

Станува збор за министерот за правда Билен Саљији, кој ретко кога јавноста може да го види на јавни настапи. Последен пат се појави на амандманската расправа за Законот за јазици, кога го отфрли единствениот амандман што беше прочитан од вкупно 90 поднесени – тој на БЕСА.

Јавноста речиси и да не знае дека Советот за реформи во правосудството, што прво го напушти професорот Гордан Калајџиев, а потоа и невладината активистка Мирјана Најчевска, а кој неодамна беше укинат по обвинувањето за пристрасност и непрофесионалност, го раководеше токму тој.

Саљији ниту еднаш не излезе јавно да каже што се случува во Советот и од каде толкав револт и обвинувања.

Садула Дураку, пак, е министерот за животна средина за кого фактот што Скопје е светски лидер во загадувањето во земјава, очигледно, не беше доволна причина за да се појави пред камерите. Целиот товар му го предаде на заменикот Јани Макрадули.

Дураку последен пат е виден на настан за промоција на втората фаза од регулацијата на Липковска река на 21 декември.

 

Оставете коментар