Бутарис: Иванов сонува да пие узо на плоштадот во Солун

Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, кој в четврток ќе допатува во Скопје на средба со својот новоизбран колега Петре Шилегов, вели дека одржува редовни контакти со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој доделува десет стипендии годишно за млади луѓе од Македонија да студираат на приватен колеџ во Солун.

„Претседателот Иванов изрази желба да дојде во Солун по дипломирањето на своите сонародници, но не може поради својата позиција. Всушност, тој сè уште вели дека неговиот сон е да пие узо на плоштадот ‘Аристотел’. Но, ние сакаме повеќе, многу деца од таму да дојдат да студираат во нашиот град и ние ќе работиме за тоа“, изјави Бутарис за „Катимерини“ пред посетата на македонскиот главен град.

Токму Иванов ќе биде еден од соговорниците на градскиот татко на Солун задутре покрај премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и Шилегов, а планирана е и средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Сепак, на средбите со речиси целиот македонски политички врв тема нема да биде спорот за името, тврди тој, иако додава дека за посетата го информирал шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој „позитивно гледа на неа“.

„Ние не водиме надворешна политика, туку преку дипломатија на градовите се обидуваме да ги доближиме заедниците од двете страни и да соработуваме во решавањето на различни проблеми што ги имаме како соседи. Нашата цел е да доведеме од соседната земја што е можно повеќе граѓани во Солун и во Грција во целина. Многу луѓе доаѓаат за шопинг, за забава и за туризам во поширокиот регион и сакаме токму ним да им се посветиме, градејќи најдобри можни односи, борејќи се против неприфатливи појави на однесување кон нив на граничните премини со Грција. Освен тоа, ние можеме да разговараме и да бараме решенија и за проблемите како што се загадувањето на Вардар, грчките инвестиции и многу други“, објаснува Бутарис.

Тој додава дека, и покрај повремените искри во меѓудржавните односи, повеќе од еден милион македонски граѓани годишно влегуваат во Грција и една од главните дестинации им е Солун. Истовремено, илјадници Грци, особено за време на викендите, одат во Гевгелија и во Дојран на шопинг, да наточат течни горива и да играат рулет во казината близу границата.

„Оваа циркулација не смее да опадне. Напротив, ние мораме да сториме сè за таа да се зголеми“, порачува солунскиот градоначалник.

Покрај со политичкиот и со државниот врв на Македонија, Бутарис задутре ќе се обидел да се сретне и со новоизбраните градоначалници, од кои некои планираат да дојдат во Солун за да ги постават темелите на трајно партнерство, пишува „Катимерини“.

 

Оставете коментар