Бутарис се правда: Никогаш не предложив сменa на името на аеродромот

Погрешно беа протолкувани моите изјави, никогаш не предложив, ниту предлагам промена на името на аеродромот, рече на вонредна пресконференција солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, откако грчката јавност се возбуди поради неговата вчерашна порака дека треба да се размисли за промена на имињата на аеродромот и автобуската станица во Солун, кои го носат името „Македонија“.

Бутарис, рече бил изваден и објавен само еден дел од изјавите, а не ставовите во целост од вчерашниот состанок.

– Не предложив, не предлагам и нема да предложам промена на името, едноставно ја изразив мојата загриженост. Она што го кажав и не го одрекувам е дека во ова прашање имаме загубено, 130-150 земји, колку и да се, ја имаат признато земјата под името Македонија. И ние, за жал, со одговорност на грчките влади во последните 25 години, имаме загубено. И ова треба да не загрижува, рече Бутарис на вонредната прес-конференција.

Во однос на телефонското интервју во утринската емисија на грчката телевизија Скај, во која го спомена името на грчкиот кошаркар Галис како можна варијанта за име на солунскиот аеродром, Бутарис одговара:

– Не побарав никогаш промена на името Македонија. За Никос Галис, што беше споменато, ме праша една госпоѓа од Скај, не и го помнам името, кога би се предложило менување на името, што би предложил и нормално јас реков Никос Галис.

SHARE