Ванковска: Шапшалската држава си игра со луѓе што не се ни обвинети

Преку примерот со актерот Владо Јовановски, универзитетската професорка Билјана Ванковска жестоко го искритикува однесувањето на институциите кон мерката притвор применета врз учесниците во настаните во Собрание на 27 април.

„Не стасувам да искоментирам сè што сакам и што сметам дека е важно, па еве само една работа набрзинка. Тоа што Вишо јавно обвинителство побарало замена на притворот на Владо Јовановски со домашен притвор или поблага мерка не е затоа што се смилостивиле или сфатиле дека не постојат основи за притвор, туку затоа што пред Судот за човекови права во Стразбур Македонија веќе има изгубено сличен случај кога на осомничениот првичната мерка домашен притвор му била заменета со затворски притвор (што беше случај и со Јовановски). Имено, се смета дека е повреда на принципите на правично судење ако поблага мерка за обезбедување се заменува со построга – бидејќи Повелбата бара секогаш Судот да ги одбира поблагите мерки кои ќе ја исполнат функцијата на обезбедување на странката.

Да скратам, ова е само поради свеста дека државата еднаш плаќала казна, а дека сега го чини истото за што била утврдена вина во друг случај. И сега, брже-боље, бараме поблага мерка, па така шапшалската држава си игра со луѓето кои дури не се ни обвинети! Час дома, па во затвор, па пак дома – и сè така додека не оценат дека е политички опортуно да ги пуштат, бидејќи овде за тероризам и не може да стане збор. Или ќе признаат дека опасни типови биле на слобода дури седум месеци по извршувањето на делото за кое се сомничат. Но, правната фела си молчи и натаму и се интересира за позициите што ги има во оние хермафродитски измислени експертски тела“, е коментарот на Ванковска на нејзиниот профил на „Фејсбук“.