Постоечкиот Европски клупски ракометен првак продолжува во перфекцијата која практично трае од 4 јуни во Келн. На неа денеска е додадена нова ѕвездичка со триумфот кај Загреб од 29-23, кој одново е дело на повеќемина, на добрата одбрана, на фокусот во сите 60 минути, но најмногу на Арпад Штербик. Голманот имаше 8 одбрани на половина од првиот дел и 13 до крајот на 30 минута кога Вардар веќе создаде 15-10. Таа предност Хрватите никако не можеа да ги стигнат токму заради тешкотијата да погодуваат и во зицер ситуации.
Во вториот дел од балканското дерби дури и немаше неизвесност бидејќи македонскиот првак создаде и 9 позитива, разлика со која мечот можеше и да заврши, но по 28-19 ние се опуштивме, а Загреб спасуваше жива глава и успеа да избегне катастрофа.
Штербик со 18 одбрани беше тимски лидер одново, а кај стрелците Чупиќ даде 7, а Борозан 6 гола.
Ова беше прв триумф во шестиот обид на Вардар кај Загреб во меч од Лигата на шампионите, но и трет во кус интервал земајќи ги предвид и средбите од СЕХА. Црвено-црните во моментов се водечки со 13 од можните 14 бодови во А групата од ЛШ, во која утре игра и нашиот втор претставник Металург и тоа со Монпеље дома до 19 часот.

Оставете коментар