Ракометарите на Вардар на свој терен ќе ја бранат титулата шампиони на СЕХА-лига, откако нејзиното раководство реши завршниот турнир да се одигра од 13 до 15 април во СЦ „Јане Сандански“, избирајќи го Скопје во конкуренција уште на Целје.

Покрај регионалниот и европски шампион, на фајналфорот од седмото издание на ова натпреварување ќе учествуваат и ППД Загреб, Мешков Брест и Целје, а полуфиналните двојки ќе бидат одредени по заврпувањето на сезоната од која останаа да се одиграат уште две кола. „Црвено-црните“ се недостижни на врвот со 46 бода, втори се загрепчани со 34, трети Словенците со 32 и четврти Белорусите со 31.

„Радосни сме што раководството на СЕХА Газпром лигата реши сезонава Ф4-турнирот да биде во Скопје, во нашата сала во СЦ ‘Јане Сандански’. Како актуелни прваци на ова регионално натпреварување и еден од ретките тимови што е во СЕХА Газпром лигата од нејзиниот почеток, голема чест е што Скопје по вторпат ќе биде домаќин на завршниот турнир. Тоа е уште една потврда дека ракометот е спорт број 1 во Македонија, а Вардар е тим што е препознатлив не само на овие простори, туку и во европски и светски рамки. Трите освоени титули во СЕХА Газпром лигата на Вардар е обврска плус, бидејќи сега ќе играме пред домашна публика“, изјави извршниот директор на Вардар, Давор Стојаноски.

Вардар трипати ја има освојувано СЕХА-лигата – во нејзиното прво издание во Загреб во 2012 година, потоа во Нови Сад во 2014 година и во Брест лани.