Вечерва пак се апсат обвинети за 27 април

Дел од медиумите и профили на социјалните мрежи тврдат дека дел од обвинетите за настаните во Собранието на 27 април минатата година вечерва повторно се приведени.

Според сеуште непотврдени информации доцна вечерва од своите домови се изнесени луѓе кои вчера беа пуштени да се бранат од слобода.

Само еден ден откако судот одлучи да им го замени притворот со домашен притвор, вечерва тие пак се приведени на истиот начин како пред 4 месеци.

Се уште нема потврда за кои од осомничените се работи, но има шпекулации дека меѓу нив е ексминистерот за внатрешни работи Митко Чавков.

Денеска јавното обвинителството поднесе обвинение против 30 лица за настаните кои се случија во Собранието на 27 април кога беше извршен упад во Собранието.

Од вкупно 35 осомничени обвинението е поднесено против 30 лица, за четири лица е прекината постапката бидејќи не се достапни за органите на прогонот, а за едно лице постапката е запрена бидејќи обвинителството не нашло докази дека лицето сторило кривично дело.

Дваесет и осум лица се товарат за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста, а две лица се товарат за помагање за истото кривично дело.