Владиката Петар се огради од писмото до БПЦ

Владиката Петар не бил ниту автор, ниту информиран за писмото од Македонска православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) до Бугарска православна црква (БПЦ), во кое од неа се бара да ѝ стане црква-мајка.

„За ова писмо не бев информиран сè до синодската седница што се одржа на 9 ноември, што значи дека не сум составувач на тоа писмо и немам удел во тоа во никаков контекст. Не можам да преземам никаква вина или обврска во врска со содржината на писмото. Владиката Наум не беше присутен на таа седница на која се расправаше за писмото, а не беше присутен ни владиката Методиј. За едно прашање од многу значаен, суштински карактер за Црквата не е упатно да расправаме на синодска седница ад-хок и за неколку минути, половина час или еден час да донесете став, да се согласите со тој текст. За него се расправаше на седницата, но немаше никакво класично изјаснување со гласање. Премолчено е испратено“, изјави митрополитот преспанско-пелагониски и администратор на австралиско-новозеландската епархија на МПЦ-ОА во „Отворено студио“ на ТВ Нова.

„Сведоци сме какви беа реакциите во бугарската јавност, а какви во македонската. Таму цела бугарска интелигенција го поддржува писмото, но не неговата суштина – признавање на МПЦ како автокефална де јуре, со потпис, со томос или со одлука на БПЦ, потоа заедничко сослужување, што би било де факто признавање на нашата црква, како и претставување на МПЦ пред другите помесни православни цркви. Ниту едно од трите не беше предмет на дискусија или одговор од БПЦ до МПЦ, наспроти суштината дека, ако БПЦ ги исполни овие три нешта, тогаш МПЦ би ја препознала како црква-мајка“, додаде тој. „Битно е дека поинакви се мислењата и желбите на бугарскиот (црковен) народ во врска со писмото за т.н. црква-мајка од мислењето и желбите на македонскиот православен народ и на македонското свештенство не само кај нас во татковината, туку и во дијаспората. Сите оние што припаѓаат на бугарската кауза се за БПЦ да ѝ биде црква-мајка на МПЦ, а од страна на македонската кауза се против“.

Владиката Петар појаснува и дека МПЦ-ОА не може да ја смета БПЦ за црква-мајка од историски аспект.

„Ние не можеме да ја сметаме БПЦ за црква-мајка во историски контекст, ниту СПЦ, ниту која било друга црква. Согласно Уставот на МПЦ, поточно во преамбулата се вели: ‘Тргнувајќи од сознанието дека Св. Апостол Павле во 50-тите години дојде во Македонија и ги основа првите црковни општини, кои се запишани во Светото писмо како македонски цркви итн.’. Па, Јустинијана Прима, на која како наследничка се јавува Охридска архиепископија како црква на македонскиот народ, кој во сите свои обиди по укинувањето од Цариградска патријаршија и од Големата (Отоманска) порта, во сите востанија, како Карпошовото 1690, Разловечкото 1876, како и во Кресненското, во чиј Устав е посочено дека македонскиот народ ќе се застапува откако ќе се ослободи да си ја обнови Охридска архиепископија. За жал, некои бугарски владици, па и македонски, излегоа со тврдење дека ние сме биле дел од Бугарска егзархија. Но, македонскиот народ не се борел за нејзино создавање, за тоа се борел бугарскиот. Ако бугарскиот народ, свештенството, првите архиереи се застапувале за обнова на Охридска архиепископија, би можело да се смета дека таа е нивна целосно. Во 1235 година е основана Трновска патријаршија како автокефална црква на бугарскиот народ. Во тоа време постои Охридска архиепископија. Зошто имало потреба во тоа време да има две бугарски цркви и зошто по укинувањето на Бугарската црква немало обиди на бугарскиот народ и свештенство за обнова на Охридска архиепископија, туку се заложиле и ја обновиле својата црква во името на Бугарска егзархија во 1870 година, а македонскиот народ тогаш се приклучил на ветувањето дека, кога ќе се основа Бугарска егзархија, тие ќе помогнат да се обнови Охридска архиепископија, што никогаш не се случило“, изјави тој. „Гледано по мајчинство, мајка-црква на сите православни цркви е Ерусалимската. Не можела да нè роди Бугарската црква, кога ние имаме подлабоки корени“.

 

 

1 Коментар

Оставете коментар