Владика Агатангел: Македонија е нашата душа

Владиката Агатангел своето обраќање пред насобраните на семакедонскиот протест за одбрана на името на државата Македонија и на идентитетот на македонскиот народ пред Собрание го почна покажувајќи карта на, како што рече, цела Македонија.

„Болката, драги мои, на нас Македонците е голема и продолжува. Нашата сакана земја македонска е распарчена на три дела – беломорска, пиринска и вардарска. Му благодариме на Господа што овој вардарски дел ни го сочува и ни го даде за да можеме како народ македонски да се издигнеме културно, духовно и да ги сочуваме спомените на нашите дедовци и прадедовци, кои лежат во нашата македонска земја. Секоја педа од македонската земја и во Пирин, и во Егеј, и во Вардар е натопена со македонска крв“, рече митрополитот повардарски.

„Ние Македонците, исполнети со голема љубов, со големо трпение, со големо  милосредие, со поголемо братољубие и човекољубие од сите народи во светот им кажуваме на сите ‘не’. Македонија е нашата земја, нашата татковина, нашата душа. Името на државата е името на црквата македонска, а тие се душата на македонскиот народ“, додаде тој.

„Ние Македонците сме свет народ. Бог нашата земја македонска ја создаде и ја запиша во книгата над книгите, во светата ‘Библија’. И сега некој сака да нè избрише. А зошто сакаат? Затоа што сите тие народи што сакаат да нè избришат ги нема во таа книга“, објасни владиката Агатангел.