Митрополитот повардарски Агатангел денеска отворено се заложи Македонска православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) активно да се вклучи во протестите за одбрана на уставното име, исто како што грчката црква застана зад протестите во Грција.

Истовремено, членот на Светиот синод на МПЦ-ОА остро ја критикува власта за преговорите со Грција, оценувајќи ги нејзините потези како „штетни“ и предупредувајќи дека крајното решение ќе доведе до обезличување на државата и на идентитетот на македонскиот народ.

„Ние сме еден ѓердан македонски и сега некој сака да земе жилет и да го сецне и бисерите да излетаат, да ги снема, бисер да не остане. Но, нема. Имаме ние комити тука, наши Македонци, имаме браќа што цврсто ќе застанат на браникот на одбраната на нашата татковина Македонија. Јас верувам дека тоа ќе се случи. Оние што сакаат туку-така лесно, на многу лесен начин да го дадат името, убедуваат, но…“, рече владиката Агатангел, кој изрази загриженост и за судбината на црквата ако се смени името на државата.

„Кога (македонскиот народ – н.з.) ќе ја изгуби својата Македонска православна црква, не знае на која црква ќе припаѓа, дали на Горномакедонска, Северномакедонска, Новомакедонска или на Скопска црква македонска. И јас не знам како ќе се викаме и навистина сум загрижен“, додаде првиот човек на Повардарска епархија на МПЦ-ОА.

 

Оставете коментар