Владиниот портпарол и македонистка за Законот за јазиците

Откако портпаролот на владата Миле Бошњаковски напиша дека во време кога светот оди напред Македонија дискутира за страв од јазик доби одговор од македонистката Милица Петрушевска која е автор на научната студија “Јазичната политика на Р.М.”

“Пред 20 години 1997 се обидував да убедам дел од мои колеги студенти дека е врв на нелогичноста нивниот револт кон воведувањето на Албанскиот јазик на тогашната Педагошка академија. Не ми се верува дека дел од нив денеска на ФБ уште дискутираат како да се во 1997, а не 2018 година. Елон Маск тргна кон Марс, Бугарија е во НАТО и ЕУ; Албанија во НАТО; Хрватска во НАТО и ЕУ; Романија во НАТО и ЕУ; ние дискутираме за страв од јазик”, напиша Бошњаковски.

Откако Бошњаковски праша како Законот за јазиците ги засега Македонците и другите етнички групи следуваше одговор од Милица Петрушевска.

“Ај Миле, едно е мајчин јазик, друго е службен јазик. Службен јазик е јазикот кој државата го признава како средство за комуникација во своите институции и како средство за комуникација со граѓанинот. Тоа е неговата прагматична функција. Од друга страна, јазикот/јазиците ја остваруваат врската на нацијата со државата. Албанскиот јазик не може да го загрози македонскиот зашто македонскиот е доминантен во однос на бројот на говорители и тоа воопшто не е прашање на кое се аргументира во вакви дебати. Но чепка во чувствата на идентитетот на кој било Македонец зашто ја разнишува неговата поврзаност со државата. Тоа е симболичкиот аспект. Да не било вака, немало ова прашање да се уредува со устав, дури во 22 земји од 48 во Советот на Европа. Да, таму го засега Македонецот, зашто ова прашање по дефиниција го отвора прашањето за сопственоста на државата. Од прагматичен аспект, да – го засега, зашто ако има фирма, не му е јасно дали утре ќе мора да има преведувачи или да издава фактури и на албански. Го засега зашто познавање на албанскиот може да му се наметне како предуслов за вработување. Го засега зашто сака да знае дали неговото дете ќе мора да учи албански. И дека сето ова може да му биде наметнато, оти не е многу јасно до каде се протега регулацијата со овој Закон. Трето – го засега зашто државата може да му се изгуби во преводот. И немој да ми кажеш дека се ова небулозни „стравови“, зашто да не беа сите овие прашања важни, немаше да им бидат важни ниту на Албанците, па немаше воопшто да зборуваме за закон за јазици. Да не се правиме наудрени! Ете, така го засега”, напиша македонистката Милица Петрушевска.