ВМРО – ДПМНЕ го доби тоа што го бараше, за замениците на крај

По долга дебата парламентарното мнозинство го прифати барањето на ВМРО-ДПМНЕ, именувањето на заменици министри да биде последна точка на денешната собраниска седница. За опозицијата е неприфатливо да гласаат веднаш за кандидатите за заменици министри чии имиња ги добиле во текот на ноќта.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во расправата рече дека според правилата на Собранието овие предлози треба да се разгледуваат десетина дена.

„Би сакал да ја информирам јавноста дека утринава во еден часот и триесет и девет минути на нашите адреси на е-пошта добивме предлог за избор на заменици министри. Материјалот е обемен поради тоа што има предлози со биографии. Овие материјали треба да се достават најмалку десет дена пред одржувањето на седница. За првпат имаме пракса од ден за ден да бираме заменици министри“, рече денеска пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Откако спикерот Талат Џафери, даде пауза по која мнозинството пратеници се изјасни и прифати за оваа точка да се расправа на крајот на седницата собранието продолжи да дебатира по дневникот ред.

Денеска претседателот на Собранието Џафери повторно од ВМРО-ДПМНЕ побара да формира пратеничка група со цел да не може расправата да трае во недоглед. Опозицијата го игнорираше повикот на спикерот а нејзините пратеници продолжија да бараат збор како индивидуалци наместо како членови на пратеничка група со што со процедурални барања седницата може да трае подолго од вообичаеното за вакви точки на дневен ред.

SHARE