ВМРО-ДПМНЕ отфрла поврзаност со утрешните протести

Loading...

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави дека дека не е организатор, ниту дава поддршка за протестите за заштита на името, државата и идентитетот.

„Го почитуваме демократското, уставно загарантирано право на протест. Секој може да одлучи да организира или да учествува во кои било протести. Во однос на протестите најавени за утре, не сме организатори, ниту, пак, стоиме зад нив. Кога партијата ќе организира протести, ќе ја информира јавноста и ќе ги повика граѓаните на масовност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Утре во 18 часот пред канцелариите на Европска унија во Скопје, ќе се одржи протест под мотото „За одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата“. Оттаму протестниот марш ќе се движи по булевар „Свети Климент Охридски“ и булевар „Димитрие Чуповски“ до Собрание на Република Македонија, каде ќе има повеќе обраќања, по еден претставник од македонските заедници во Германија, Франција, Италија и Швајцарија, аналитичарот Сотир Костов, историчарката Виолета Ачкоска, претседателот на Светски македонски конгрес, Тодор Петров, како и владиката Агатангел, кои ќе го предводат маршот од ЕУ до Собрание.