Ќе има ли кој да ни препише лексилиум? – колумна на Горан Момироски

Loading...

Признавам дека ова е субјективна колумна и не може да биде поинаку ако со некој од фелата за која што зборува таа, неретко сте делеле и солзи по згаснување на нечиј живот а сте се радувале кога некој непознат тежок пациент ќе преживеел.

Не можете да бидете објективни кога рано изутрина по завршено 24 часовно дежурство сте го тешеле расплаканиот животен сопатник откако по долга борба нечие детско срце престанало да чука.

Минатата недела беше објавено дека во Македонија секога година дипломираат 220 доктори, а во Лекарската комора барање за иселување во странство поднесуваат 173 доктори. Ако се пресмета и бројот на лекари кои што одат во пензија и оние кои што заминуваат во други сродни дејности како фармација тоа значи дека Македонија за 10 години ќе нема лекари ни за примарна здравствена заштита. За специјалисти ќе треба да одиме во Ниш или Солун.

Да, целта на оваа колумна е да се упати апел на сите пациенти, а сите сме меѓу нив, да се обидеме да имаме разбирање за белите мантили. Лекарите и другиот медицински персонал не се совршени супержени и супермажи, тие се луѓе како сите нас, како полицајците, како адвокатите, како новинарите и како сите други работници во оваа земја. Нивниот главен проблем е што поради грешките направени во нивниот домеин се губат човечки животи или граѓаните имаат долгорочно последици.

Она што како искуство го имам од долгогодишното познанство со голем број лекари и медицински персонал е дека ретко меѓу нив сум сретнал луѓе кои што биле неодговорни кон пациентите. Грото од нив се луѓе кои што си ја сакаат професијата не поради парите или бенефициите тулу поради можноста да помагаат на луѓето.

Како и кај сите други професии и меѓу нив има и непрофесионалци, има и мрзеливи и недоволно обучени. Има и корумпирани. Имало и ќе има и тоа не е тајна.

Но тоа не смее да биде белег за сите лекари, за сите сестри, лаборанти, и болничари, каков што впечаток може да се добие ако се следат коментарите на социјалните мрежи и дел од медиумите секогаш кога ќе се случи некаков скандал, а такви за жал има има често.

Македонските граѓани како и за сите други прашања се склони да дадат оценка по кратка постапка, веднаш да осудат и лекар и архитект и политичар без да ги знаат вистинските причини за некоја постапка. Без да имаат на увид што точно се случило. Со тоа и ние како граѓани си ја уриваме гранката на која што седиме.

И на лекарите им е преку глава да бидат дежурни кривци за се и сешто. И тие не можат да ги издржат притисоците и физичките напади од роднините и пријателите на пациентите, од политичарите кои што очекуваат чуда од нив а притоа не им обезбедиле основни услови за работа. Од генерализацијата која што наскоро може да доведе лекарската професија да биде омрзната како што тоа веќе се случи со политичарите. Никој па ниту лекарите не сакаат да поминат цел ден спроведувајќи ја Хипократовата заклетва а на крајот на денот на ТВ да слушнат дека тој или некој негов колега е виновен за нешто а притоа нема никаков доказ за тоа.

Ако оваа состојба не се промени, дали со законски промени или со промена на односот на пациентите и јавноста кон лекарите, оние 173 лекари кои сакаат да одат во странство ќе станат 300. За разлика од политичарите, полицајците или административците кои никој во светот не ги бара. И Германија и Швајцарија и Норвешка бараат само лекари и медицински сестри, покрај ИТ инжинери.

Ако наскоро нешто не се промени во земјава а Германија не го реши проблемот со лекари (до 2030 само на Германија ќе и фалат 110 илјади лекари) ќе треба да увезуваме лекари и тоа не од регионот. Од Бугарија и Романија тие одамна се иселени во ЕУ. Ќе ни останат Блискиот Исток и Африка како извор на лекари.

Нашите животи зависат од овие луѓе и во право е министерот Филипче (кого лично не го познавам), кога вели дека пациентите мора да се поодговорни. Неговата изјава по која беше распнат од трудниците, мајките и медиумите, беше погрешна затоа што зборуваше за конкретна категорија пациенти кои што вообичаено се поодговорни од останатите категории. Но во суштина тој е во право дека македонските пациенти се неодговорни и кон себе и кон лекарите кои што ги лечат. Дека голем дел од граѓаните на лекар одат само кога мораат, дека се лечат сами, дека користат надрилекари и дека чекаат последен рок за било каква интервенција а притоа сакаат да добијат термин за секундарна заштита „вчера“. Дури и во Германија со речиси совршен здравствен систем за специјалистички преглед се чека и по 4 – 5 недели.

Зарем некој може да помисли дека некој доктор нема да стори се што е во негова моќ да спаси нечиј живот, да спречи тешки последици. Тргнете од себе, дали вие не би направиле се што можете ако сте лекар. Одговорот е јасен а важи и за медицинскиот персонал меѓу кој има таков кој што работи на извонредно важни за животот позиции а не може да врзе крај со крај од први до први во месецот, кој работи во мемливи простории, кој што нема слободен ден со недели, кој е турнат во крајно комплицирани ситуации без да добие соодветна подготовка за тоа.

Затоа ако не сакате да не лечат пензионери повратници или тазе дипломирани лекари кои што со умот ќе бидат надвор од земјата, бидете толеранти. И навреме барајте помош пред да биде предоцна.

За политиката што и да се каже нема фајде, но политичарите треба да знаат дека тие се примарно одговорни за лошиот здравствен систем и ако Македонија остане без лекари. Ветувањата што ги даде оваа власт за зголемување на платите до 100,000 денари мораат да бидат спроведени инаку секоја смрт на пациентите ќе оди и на нивна душа.

Затоа што не може платите на лекарите да бидат исти како и куририте и други шалтерски работници кои се вработуваат како заслужни партиски кадри во државни фирми. И затоа што во земјава сеуште има многу невработени лекари кои што потрошиле по 10 години од својот живот за да работат се и сешто со надеж дека еден ден ќе се отвори место и за нив.

1 Коментар

  1. Pogolemo sranje, Kakva sranje politika, vo Makedonija ednas ne sum imala problem so Pacient, tuku gi tepaat tie sto baraat Mito, Sto tresete gluposti BE, jas izbegav poso nemav poise od 180€ evra plata u mk, poso Feudalcite tamu ne stavija vo Ropstvo u 21vek , poso, nikojne me vrabotuvase u bolnica poso ne sum u partija,ke bidam i vulgarna, kaj se be picka vi mater tie dobri kulturni doktori sto ostanale u mk, poso tatko mi licno sum vikala brza pomos prvo nedoaga, a posle nemase blage veze KOLESKATA pa uste me terase mojot sopstben tatko so 60 kg jas da go drzam dur bese vo nesvesna sostojba i agresiven.

    Tuku da se napraese ednaska edna partiska cistka po bolnicite, pa uste da im se odzemese necesno steknation imot, pa da vidime dali ke go ucenuvaat narodot za pusti lek od 5 pari.
    Izbegavme oti ne ni dadovte cesno da rabotime, ili si partiski oboen, iskriminaliziran doktor u mk ili ne si doktor!

Comments are closed.