Во државната каса 6 или 130 милиони евра, долгот 45 % или 50 % од БДП

Скриените долгови на држава се поголеми од една милијарда евра, тврди премиерот Заев во врска со состојбата во буџетот. Тој вчера на ТВ интервјуто во МТВ изјави дека во Буџетот нема 130 милиони евра како што велеше старата Влада, туку само 6 милиони евра.

Од ВМРО –ДПМНЕ  потсетуваат дека владата деновиве плаќала субвенции и пензии и плати и остануваат на ставот дека во касата оставиле 130 милиони евра.

Во Македонија традиционално секоја нова влада се жали дека предходната им оставила малку пари во државната каса.

Според премиерот Заев поминати се линиите на ликвидност во државниот буџетот, но тој е убеден дека новата Влада  ги сервисира сите обврски на државата и потребите на граѓаните.

– Во државниот буџет нема 130 милиони туку 6 милиони евра, има се уште неевидентирани доспеани обврски кон државата за кои ќе треба период за да се соберат информации кои ќе им ги соопштиме на граѓаните. Тоа значи дека јавниот долг го поминал прагот од 50 проценти од БДП, затоа што има многу завршни ситуации кои не се фактурирани, бидејќи ако ги фактурира деловната заедница ќе треба да плати ДДВ, а не знае кога ќе си го поврати. Мислам дека има скриен долг кој не е евидентиран во севкупниот долг на државата поголем од една милијарда. Ова е се уште логична информација. Министерот за финансии ќе излезе на прес-конференција и како што ќе ги добива информациите ќе и ги соопштува на јавноста. Ова не го кажувам за да го исплашам народот. Имаме добар менаџмент, ќе го изменаџираме целиот овој процес и Македонија ќе тргне напред – изјави Заев.

ВМРО-ДПМНЕ ја демантира изјавата на премиерот Заев.

„Заев излажа дека во Буџетот се останати само 6 милиони евра. Неговиот министер за финансии се пофали дека на 5 јуни се исплатени околу 77 милиони евра од буџетот на име на субвенции, стипендии и пензии“, пишува во соопштението.

Опозицијата ги негира трврдењата на СДСМ дека  јавниот долг изнесувал над 50 проценти од БДП, а дека скриениот долг изнесувал над милијарда евра. Тие се повикаа на официјалниот податок според кој јавниот долг на 30 април година изнесувал 45,9 отсто.

 

SHARE