Во Македонија се сурфа побрзо на смартфон од САД и од Велика Британија!

Со просечна брзина на 4Г даунлодирање од интернет на смартфон од 30,5 мегабити во секунда во четвртото тримесечје од 2017 година, Македонија се најде на 16. место меѓу 88 земји во светот.

Според истражувањето на „Опен сигнал“, Македонија има многу побрз мобилен интернет и од Велика Британија, која е на 41. место, и од САД, кои се дури на 62. позиција. Британците имаат на располагање интернет со брзина од 23,1 МБ/сек, а Американците од само 16,3 МБ/сек.

Најбрзо сурфаат на интернет корисниците на мобилни телефони во Сингапур, каде што просечната брзина на 4Г даунлодирање е 44,3 МБ/сек. Втора е Холандија со 42,1 МБ/сек, а трета Норвешка со 41,2 МБ/сек.

Од земјите од опкружувањето пред Македонија се Бугарија на деветтото место со 33,3 МБ/сек, како и Србија и Хрватска, кои го делат 12. место со по 32,2 МБ/сек.

Во рамките на истражувањето се направени 58,7 милијарди мерења на 4,8 милиони уреди во 88 држави во последните три месеца од минатата година.

 

SHARE