Во трката за најголем Албанец, Касами ќе ја пее албанската химна во Собранието

Само два дена откако на средба со премиерот Заев лидерот на движењето БЕСА најави дека ќе ги поддржи реформските зафати на новата влада иако во Собранието не гласаше за неа, Билал Касами се реши да го презентира својот национализам од кој не може да се откажат најголем дел од македонските политичари особено ако наскоро се соочуваат со избори.

Касами на емисија на телевизијата 24 Вести емитувана денеска најави дека на следната седница на македонскиот парламент ќе ја пеел албанската химна. Според него вакво покажување на национализам е дел од идентитетот на Албанците во Македонија што не треба да биде проблем за никој од останатите заедници. Според него никој не треба тоа да го доживува како провокација и тој ќе пеел за да го докаже истото.

Меѓу другите тези искажани во емисијата лидерот на БЕСА повторно инсистира на редефинирањето на Македонија дури ако тоа значи и федерализација. За него не е важен видот на државното уредување доколку тоа обезбеди Албанците во Македонија да имаат ист статус како и Македонците односно албанскиот јазик да биде официјален на цела територија а во исто време да бидат имплементирани сите барања од заедничката декларација на албанските партии позната како „Тиранска платформа“.

Со последните изјави на Касами кој долго време се обидуваше да добие имиџ на умерен политички лидер тој практично ја започнува изборната кампања за локалните избори во кој повторно главна тема се очекува да биде национализмот и етничките барања особено во албанскиот блок.

SHARE