Во чие име говори Тимоние? – пишува Горан Момироски

Зборува ли францускиот амбасадор во лично име? Можеби во име на Франција? Да не ја претставува таканаречена Стара Европа? Или тој само ги канализира ставовите и позициите на Европската Унија? Се консултирал ли Тимоние со својот американски колега Бејли?

Нема дилеми, првиот француски дипломат во Скопје говори во име на сите амбасадори на ЕУ во Македонија. Не и во име на САД.

За тие што не знаат амбасадорите на земјите членки на унијата секоја недела (некогаш и почесто а некогаш поретко) се собираат заедно со амбасадорот на ЕУ. На редовните координации тие разменуваат информации и градат заедничка позиција за состојбите во земјата.

Покрај состанокот меѓу ЕУ членките има и друг состанок на кој се присутни претставници на САД, и други земји и меѓународни организации како ОН или ОБСЕ.

Речиси сум сигурен дека на еден ваков состанок меѓу ЕУ амбасадорите, Тимоние добил задача или самиот волонтирал да биде гласноговорник на ЕУ за комплексната тема наречена албанскиот како втор официјален јазик.

И затоа почитуваниот Тимоние во име на ЕУ во неколку наврати не предупредуваше дека јазикот не е приоритет за ЕУ и дека треба да се фокусираме на приоритетните реформски закони. Не го послушавме.

Насила донесовме закон и дојдовме во ситуација да бидеме прогласени за земја која нема демократски вредности и не ги почитува европските стандарди. Од тие кои што се колнеа во оваа влада.

Обичен циник или поддржувач на Владата во оваа ситуација би рекол дека Францускиот абмасадор ни се закани, ни се вмеша во внатрешните работи со најавата дека поради донесениот закон за јазиците може да ја загубиме препорааката. Реален човек ќе рече “сркајте што сте дробеле”.

А дека Тимоние кажува позиции на ЕУ покажува и неговото цитирање на еврокомесарот Хан кој уште во ноември побара владата да го стави Ад Акта контраверзниот закон. За Хан е совршено јасно дека не говори во име на Австрија туку ги кажува позициите на ЕУ.

Тие што сега ќе почнат да шират шпекулации дека Тимоние ги брани позициите на Франција која има низа јазични проблеми, односно неколку регионални јазици кои не се признаени како официјални ниту во регионите каде што се говорат од голем број луѓе, манипулираат.

Како што спинуваат дека Тимоние преку ставот за албанскиот јазик создава алиби за непризнавање на многу користениот арапски јазик како официјален во неговата држава.

Нема никакви дилеми дека Тимоние го брани ставот на ЕУ иако за волја на вистината за него и неговите европски колеги помалку важни се членовите во Законот туку правното и политичко насилство во врска со законот во земја која сака да почне преговори за влез во ЕУ.

А да биде сликата целосна и ЕК односно портпаролката Коцијанчич, ни кажа дека законот за јазици е нотиран. Ниту поздравен ниту пофален. Само забележан во некој нотес. Не како реформа. Повеќе како што тоа се прави со нов полски тоалет на граничен премин кон земја членка на ЕУ.

Откако расчистивме дека Тимоние е портпарол на ЕУ за оваа тема, доаѓаме до централната поента.

Дали ЕУ и САД имаат ист став за законот за јазиците. Американската амбасада не даде никаков коментар за ЗУЈ како што тоа го правеше во многу случаи предходно. Молк. Ниту поздрави ни честитки. Ниту критики.

Веројатно за САД е доволна изјавата на амбасадорот Бејли кој на 4 август лани рече Законот мора да биде согласно Охридскиот договор. Ако премолчувањето значи одобрување тогаш САД е на различна страна од ЕУ.

Со тоа САД практично му дава ветар во грб на премиерот Заев за кршење на деловник, закони и устав. И нешто уште пострашно. Со тоа САД отидоа директно контра позициите на ЕУ кои беа прецизно кажани уште во првото интервју на Тимоние дадено пред два месеци.

Причините се јасни и за нас можат да бидат корисни ако успее планот за влез во Акијансата. За САД приоритет е членството во НАТО и тие таму поради стравот од Русија можат да не протнат и со урнисани правни принципи. За тоа во моментов е потребна само влада која е спасена со законот за јазици и грчка согласност на која се работи во од.

За ЕУ поважно е владеењето на правото и затоа во ситуацијава Брисел нема да ни прогледа низ прсти за стандардите на унијата како што тоа го прави САД со стандардите за НАТО.

Во моментов Македонија не е во опасност и не мора да бира но долгорочно оваа позиција е неодржлива.

Членството во ЕУ е далеку од нас и една или повеќе условени препораки не менува ништо ако има шанси за влез во НАТО.

ЕУ не инсистира на европски стандарди кога се работи за алијансата каде доминира САД и каде главен аргумент е геостратегијата односно опасноста од Русија, Кина, Турција или Иран. За разлика од ткн “заробена држава” како пречка за ЕУ, во НАТО е доволна и само “каква таква држава”.

Но тоа ќе трае само додека САД и ЕУ ги одржуваат стабилни меѓусебните односи. Кои што можат да се сменат со еден претседателски указ за екстра данок за германскиот извоз во САД или со барање на германските социјалдемократи за укинување на санкциите кон Русија.

Гласањето во ОН за резолуцијата за Ерусалим како главен град на Израел во кое САД беше понижена од ЕУ ги дава контурите на можните идни односи меѓу Вашингтон и Брисел, Берлин, Париз и Рим а во тој контекст и кон Скопје. Трамп не презеде радикални чекори кон тие што гласаа протув него но сигурно не го заборавил најголениот дипломатски пораз на САД во историјата на ОН.

Речиси е сигурно дека во изолационизмот на САД, ако биде спроведен според планот на Трамп, први ќе настрадаат малите, нејаки земји како Македонија.
Земја која третина од својата полиција користи да ги одбрани “народните” избраници од народот што ги избрал.

1 Коментар

Comments are closed.