Кинеската вселенска станица „Тиангонг-1“, тешка 8,5 тони, го забрзува својот неконтролиран пад и нејзиниот контакт со Земјата се очекува помеѓу 24 март и 19 април, соопшти Европска вселенска агенција.

„Тиангонг-1“ (Рајска палата) беше испратена во земјината орбита во 2011 година, но минатата година Владата во Пекинг објави дека комуникацијата и контролата над станицата се изгубени и дека таа ќе падне на Земјата.

Се проценува дека голем дел од станицата ќе изгори во атмосферата, но, според зборовите на астрономот Џонатан Мекдоуел, делови тешки и до 100 килограми ќе паднат на Земјата.

Португалија, Шпанија или Франција може да бидат земјите каде што би паднале делови од станицата, но не се исклучува и Балканот.