„Европа направи погрешни пресметки кога претпоставуваше дека нејзините енергетски потреби нема да растат и дека, ако е потребно повеќе гас, ќе може да се купи од други земји наместо од Русија“, предупреди првиот човек на рускиот и светски енергентски гигант Александар Медведев во интервју за Ројтерс.

Во 2016 година глобалниот извоз на „Газпром“ порасна за 8 насто, достигнувајќи историски рекорд од 194 милијарди кубни метри, од кои над една третина или „лавовски дел“ апсорбирале европските земји.

Американски гас за Европа се испорачува со бродови

Но, Европа наскоро ќе се соочи со недостиг од гас и со значително зголемување на цените на енергијата ако се обиде да се потпре на увозот од САД за да одговори на зголемената побарувачка, наместо да купува повеќе енергија од Русија, рече Медведев.

На тој начин одново се покрена политички трнливото прашање за енергетското „покривање“ на Европа, кое е поврзано со геополитичките тензии меѓу Москва и Вашингтон.

По серијата договори неодамна потпишани со Кина, рускиот енергетски гигант следната година ќе почне да извезува големи количини руски гас во втората по големина економија во светот. Всушност, „Газпром“ ќе снабдува една десетина од енергетските потреби на Кина до 2025 година. Иако предупредувањето на „Газпром“ звучи како закана за Европа, Медведев вели „има доволно резерви за да се задоволат енергетските потреби на Европа и Азија, но Европа мора да одлучи од кого ќе купува природен гас“.

Според Медведев, дури и ако „Газпром“ ја заврши изградбата на двата нови гасовода, „Северен тек 2“, кој ќе поминува под Балтичко Море, и „Турски тек“, повторно ќе биде тешко да се исполнат енергетските потреби на Јужна Европа.

Вашингтон апелираше до европските држави да ја намалат енергетската зависност на Европа од Русија.

Но, извозот на американскиот гас ќе остане ограничен по обем, ќе биде скап и главно ќе ги покрива азиските потреби, предвидува Медведев.

 

Оставете коментар