Ганиу ја потврди победата во Чаир, за БЕСА е нов узурпатор „од СДСМ“

Кандидатот на ДУИ, Висар Ганиу, по денешното прегласување ја потврди победата на изборите за градоначалник на општината Чаир, а противкандидатот од БЕСА, Зекирија Ибрахими, му „честита“ како на „нов узурпатор на општината од СДСМ“.

„Од денес кандидатот на СДСМ е узурпатор на институцијата Општина Чаир. Ако узурпаторите што се покрај него мислат само на градежните маркици, тој е узурпатор на целата институција. Ако на него и на неговиот претседател, значи на Премиерот, не им пречи да бидат вакви во Чаир, тогаш нека им биде на чест ваквата победа! Нашата битка за правда, демократија и благосостојба продолжува“, изјави Ибрахими на вечерашната прес-конференција во седиштето на партијата.

Несудениот градоначалник на Чаир им се заблагодари на сите што имале смелост да излезат да гласаат наспроти сите „уцени и притисоци“, истовремено жалејќи за сите што „денес беа ставени во домашен притвор од партиските мангупи и полициски службеници, кои ја злоупотребија службената должност и не им дозволија на граѓаните да излегуваат на гласање“.

Ганиу доби 169 гласа на повтореното гласање на избирачкото место 2901, а Ибрахими 98. Разликата во вкупниот резултат од изјаснувањето на чаирчани за највисоката функција во скопската општина е 346 гласа во полза на „интегративецот“.

На избирачкото место на кое денеска се гласаше по третпат во првиот круг Ибрахими доби 129 гласа, Ганиу 84, а кандидатот на БЕСА имаше предност и во поништениот втор круг.

 

 

Оставете коментар