Гаф на Шилегов или не разликува концесии од конфесии?! (ВИДЕО)

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов или не разликува што се концесии, а што конфесии, или, едноставно, направи гаф на денешната прес-конференција, на која се осврна и на користењето градски ресурси за потребите на бадникарите.

„Јас како градоначалник раководам со град составен од повеќе концесии“, вели тој 2:30 минути од почетокот на видеото што А1он.мк го постави на „Јутјуб“, мислејќи, веројатно, на конфесии (вери, религии), бидејќи дефинициите за концесии се „договор на власта (државна или општинска) со приватно лице или cо странска фирма за давање на користење, под определени услови, претпријатие, земја и друг имот или за вршење некои работи“ и „излегување во пресрет на нечии желби“, во смисла на отстапка.

Шилегов напомна дека Град Скопје дал на располагање автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие на Здружение за возобновување на православни традиции „Бадникови поворки”, но со тоа не бил нарушен уставниот принцип на секуларноста, бидејќи не ги примил децата, и покрај барањето. За отстапените автобуси, пак, најави фактури за организаторот на литијата низ главниот град во која учествуваа 7.320 деца од цела Македонија.

Здружението „Бадникови поворки“, пак, преку соопштение ја информира јавноста дека учениците не биле (зло)употребени за верски настан спротивно на уставниот принцип за одвоеност на државата од црквата, бидејќи за учеството на децата во процесијата имале писмена согласност од родителите.